News

Интервју со Пјер Жименез, директор на ЕФИС: На нашите ученици им нудиме квалитетно образование

Започнавме со уписите за наредната учебна и навистина има голем интерес кај родителите и учениците. Сè што треба заинтересираните да направат е да испратат барање за запишување на info@efis.mk. Формуларот за упис ќе им биде испратен и истиот треба да ни се врати пополнет. Во моментов има запишување за градинка (од 2 години) и секако за основното училиште почнувајќи од 6 години, вели директорот Жименез.

Почит, солидарност, работливост и отвореност. Ова се вредностите на кои се учат децата кои се образоваат во француското интернационално училиште ЕФИС. Во оваа образовна институција, која нуди современо образование и дипломи кои се признати во целиот свет, овозможува работа во мали групи, поврзување на училишниот успех со развојот на самостојната работа, а крајната цел е да се оформат идни одговорни возрасни лица. И во услови на пандемија со Kовид-19, училишното раководство функционира добро, согласно строг санитарен протокол. За она што го нуди градинката, но и основното училиште, за уписите кои претстојат, како и за идните планови на институцијата, во интервју за „Факултети.мк“ разговараме со директорот на ЕФИС, Пјер Жименез.

Г-дин Жименез, Вие сте прв човек на Француското интернационално училиште, кое со години успешно работи во земјава. Дали ви е тешко да функционирате „нормално“ во услови на пандемија?

Нашето училиште постојано се развива со години. За време на мојата прва година овде во Скопје во ЕФИС, доживеавме пад на бројот на ученици заради пандемијата со Kовид-19, но луѓето гледаат дека работиме добро и редовно и имаме нови уписи. Се разбира дека не работиме во нормални услови заради пандемијата, но кој може, нели? Сепак, ние успеваме да функционирамедоста добро. Нашите ученици и вработени следат строг санитарен протокол и успешно ги реализираме француските програми без да заостануваме (па дури и го надоместивме доцнењето од минатата учебна година поточно периодот март – јуни ). И покрај сложениот контекст, ние ги следиме и реализираме целите, а една од нив е нашите ученици да бидат извонредни. Главната цел, сепак останува да им овозможиме на нашите ученици да имаат меѓународно признати француски дипломи.

Она што е интересно е што вашата институција има посебен протокол и правила на однесување кои треба да се почитуваат. Како тој изгледа?

Усвоивме многу детален протокол кој ни овозможи училиштето да функционира со комбинирана настава во месец септември. Главните точки се дека учениците и наставниците од прво одделение па нагоре секогаш треба да носат маска. Ученичките клупи се на растојание од 1,5 метри. Училишните одмори се во различен временски интервал за секое одделение, така што учениците од различни одделенија не се гледаат меѓу себе. Годинава за основното училиште немаме школски ресторан бидејќи сепак е доста ризично, а во градинката таа можност постои и најголем дел од децата ја користат услугата. Часовите се одвиваат поголем дел наутро во училиштето и помал дел попладне на далечина. Овој протокол овозможува училиштето непречено да работи со максимално присуство во училиште и секако со големи барања кон учениците. Овој протокол е добар и досега никој од нашите ученици не бил болен, иако сепак, нели, нула ризик не постои.

Дали има можност загрижените родители да не ги носат децата на училиште и наставата да се следи од дома?

Нашите ученици имаат 26 часа неделно. Годинава, наставата во училиштето се одвива од 08.30 – 13.00 часот. Учениците имаат 22,5 часа настава во училиштето а другите 3.5 часа се на далечина со помош на алатката „Зум“. На загрижените родители или на оние кои имаат деца со здравствен ризик им овозможивме наставата да ја следат од дома. Во тој случај тие ја следат целата наставатаспоред распоредот преку алатката „Зум“.

Кај вас секогаш има голем интерес за упис и во градинката и во училиштето. Кога ќе се реализираат усписите за претстојната учебна година?

Навистина е така. Започнавме со уписите за наредната учебна и навистина има голем интерес кај родителите и учениците. Сè што треба заинтересираните да направат е да испратат барање за запишување на info@efis.mk Формуларот за упис ќе им биде испратен и истиот треба да ни се врати пополнет. Во моментов има запишување за градинка (од 2 години) и секако за основното училиште почнувајќи од 6 години. Во план ни е да направиме одделение за деца кои воопшто не го зборуваат францускиот јазик, а сакаат да ни се придружат во нашето училиште. Станува збор за интензивни часови по француски јазик. Откако ученикот ќе го достигне потребното јазично ниво ќе може да им се придружи на учениците во соодветното одделение.

Како директор на оваа образовна институција, што е она ќе биде во фокусот на ваш интерес во периодот кој следува?

Имаме повеќе цели. На краток рок, сакаме да ја завршиме учебната година во најдобри можни услови (без ковид-случаи). За следната година, сакаме да продолжиме да им нудиме на нашите ученици квалитетно образование. Исто така продолжуваме со акредитацијата на предметната настава од шесто до деветто одделение. На среден рок, сакаме да се преселиме за да можеме да примаме повеќе ученици. Сакаме да останеме близу до сегашниот сектор (Карпош), но да продолжиме да се развиваме во поголеми простории. На долг рок, ќе видиме како ќе растат бројките на уписи, но сакаме да имаме француска гимназија во Скопје.